Ќе може ли Америка да ги врати долговите?

31

Кина има американски обврзници во вредност од повеќе од билион долари. Ако почне да ги продава, тоа ќе му овозможи на официјален Пекинг да го симне доларот од позицијата најпосакувана светска валута.

Минатата недела беше напната за американскиот претседател Џо Бајден. Не само што постоеше можност да не може да го реализира својот амбициозен план за обнова на инфраструктурата вреден две илјади милијарди долари, туку поради огромниот долг, постоеше можност САД да влезат во т.н. Default, односно, во ситуација кога веќе нема да можат да ги враќаат долговите, пишува Вечерњи лист

Во последен момент во петокот, беше изгласано зголемување на дозволената граница на државно задолжување, што ќе им овозможи на САД да ги плаќа своите обврски до декември. Ако тоа не се случеше, веројатно ќе се случеше т.н. Default.

“Би било катастрофа да се доведеме во ситуација да немаме повеќе пари за да ги исполниме сопствените обврски“, рече Џенет Јелен, министерка за финансии на САД.
Нејзиното министерство сега користи вонредни мерки за да ги плаќа сметките откако беше достигнат лимитот на задолжување кон крајот на јули. Овие мерки им овозможуваат на федералните служби да го задржуваат и да прибираат пари во одреден износ без издавање нови обврзници.
Ваквите мерки, сепак, не можат да бидат долгорочни. Никогаш во историјата САД не ја загубија способноста да ги исполнува своите обврски. Ако се случи тоа, американските медиуми главно наведуваат дека ќе има скок на каматните стапки, а пензиите и социјалната помош ќе бидат одложени за 50 милиони Американци кои живеат од тие приходи.

Истото може да се случи и со американската војска. И тогаш има нешто што е потенцијално долготрајно и многу полошо, а тоа е надворешното влијание. Имено, на крајот на јули, сојузничките нации како Јапонија држеа американски хартии од вредност во износ од 1,32 билиони долари, но тука е и Кина, која ги има во износ од 1,07 билиони долари.
Ако Кина почне да се ослободува од тие обврзници, тоа ќе ја ослабне побарувачката за доларот и ќе отвори можност Кина конечно да го отстрани доларот од местото на најпосакуваната светска валута, е едно од мислењата што може да се слушне и прочита во американските медиуми.

“Нашите обврзници веќе долго време се сметаат за најбезбедни на планетата. Ова делумно се должи на статусот на доларот. Прашањето за неможноста да се платат обврските навистина може да има катастрофален ефект“, рече Јелен.
Но, штетата е веќе направена токму со ситуацијата на Капитол Хил, каде што Демократите и Републиканците не можат да се договорат за зголемување на границата на задолжување, со републикански закани дека ќе ги искористи сите средства за да се спречи тоа да се случи, пренесува Б92.
Угледот на Америка по катастрофата во Авганистан, скандалот со продажба на подморници на Австралија и оваа најнова расправа веќе е сериозно разнишана. Ограничувањето беше поставено за прв пат за време на Првата светска војна, кога тогашниот претседател Вудро Вилсон побара од Конгресот да дозволи зголемено задолжување за финансирање на воените напори. Оттогаш, тоа беше тема во Конгресот што кулминираше трипати во оваа деценија. Како и сега, во тие случаи, се чекаше решение до последен момент.
Можноста да не се дозволи нов долг од половина билион долари кон дозволените 28,5 билиони, Републиканците ја искористија за дневно -политички цели. Очигледно е дека тие нема да дозволат САД да влезат во “default“, но тие исто така јасно ставија до знаење дека не гледаат зошто да им ги олеснат работите на Демократите и на Бајден. Мала утеха со оглед што Демократите никогаш не одбија зголемување за време на мандатот на Доналд Трамп.
Трошоците за сојузната држава се високи. Вашингтон пост направи проекција недела по недела во текот на еден месец ако настапи default. За плати на вработените во федералната администрација се потребни 1,7 милијарди долари, 1,5 милијарди за здравствените работници, 20 милијарди за социјални и даночни поврати и пет милијарди за трошоците за јавно достапна здравствена заштита, наведуваат медиумите.
И тоа само во првата недела. Потоа следуваат камати и други трошоци распределени по датуми во секоја недела од секој месец во годината. Милијарди и милијарди. Со своите приходи, државата може да покрие околу 60 проценти од трошоците во првата недела од евентуално “неисполнување“.

Последиците од таков настан би биле такви што би влијаеле на генерации Американци, сметаат аналитичарите на Moody’s.
“Американците би плаќале со генерации бидејќи глобалните инвеститори со право би поверувале дека финансиите на федералната влада се политизирани и дека може да дојде момент кога тие нема да го добијат навреме она што им се должи“, соопшти агенцијата.

Логичкиот редослед на настаните би бил агенциите да го намалат кредитниот рејтинг на САД, каматните стапки нагло да пораснат и вредноста на доларот да падне. И таквата ситуација не само што ќе создаде економски, туку и безбедносен проблем, бидејќи САД повеќе нема да можат да воведуваат економски санкции.
“Default ќе ја загрози меѓународната репутација на Соединетите држави како сигурен и кредибилен економски и одбранбен партнер“, вели Лојд Остин, американски секретар за одбрана.
Во таа смисла, среќна околност е што на никој во светот како да не му е грижа премногу заради таквата ситуација. Самата Кина има проблеми со долгот поради ситуацијата со гигантот за недвижности Евергранде, а Јапонија е во процес на формирање нова влада.