Испораката на вреќи со зрна какао од плантажите до пристаништата на Брегот на слоновата коска е преполовена поради насилни политички протести во земјата, пишува Ројтерс.
Во пристаништата Абиџан и Сан Педро од почетокот на неделата стигнале само околу 29.000 тони какао во зрно, што е за 50% помалку во споредба со 62.000 тони испорачани во истиот период минатата недела.
Извозниците на какао првично беа поштедени од последиците што ги остави пандемијата, но политичката криза во земјата почна да се рефлектира и врз нивната работа.
Извозот на какао сочинува 15% од вредноста на бруто домашниот производ на Брегот на слоновата коска и носи најголеми девизни приливи за земјата.
Производството на какао се намалува, што предизвикува загриженост од долгорочни последици, а жетвата на какао е меѓу ноември и декември.
Претставници на извозните компании велат дека какао сè уште има на плантажите, но ако продолжи кризата, тогаш ќе биде проблем да се набере и да се транспортира до крајните одредишта.
Инаку, политичката криза во западноафриканската земја почна откако неколку членови на опозицијата повикаа на бојкот на претседателските избори на 31-ви октомври, ги отфрлија резултатите и формираа паралелна власт.
Фото: Freepik