Ќе се избира најдобар угостителски објект во Скопје

39

Град Скопје шести пат по ред ќе избира најдобар угостителски објект.

Целта на овој проект е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет во угостителските објекти на територијата на Градот.

За реализација на проектот градот ангажира професионална агенција со експертско знаење и искуство во анализа на квалитет на услуга, која ќе ги истражува и оценува квалитетот на услугата според однапред утврдени критериуми.

Со проектот се опфатени вкупно 100 угостителски објекти на територијата на градот Скопје, од кои 50 ресторани и 50 гостилници.

Објектите ќе бидат оценувани според повеќе критериуми како прв контакт со вработените, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храната и завршен контакт со вработените. Резултатите од истражувањето ќе бидат јавно презентирани пред угостителите во форма на заклучоци и препораки за во иднина.

Потоа ќе се изберат три најдобри ресторани и три најдобри гостилници кои постигнале највисок вкупен резултат на испитаните елементи на услугата. На најдобрите ќе им биде доделено јавно признание во форма на плакета од  градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.