Ќе се модернизира железницата

22

Владата одлучи да стартува инвестициски циклус во модернизација на железничката мрежа во земјата со цел зголемување на квалитетот на превозот на граѓаните, унапредување на можностите за остварување комуникација и поддршка на бизнис-заедницата во врска со транспортот на стоки. Во текот на првата половина на септември ќе почнат градежните работи за модернизација и ремонт на железничката делница од Коридорот 10 Табановце – Куманово – Карпош. Вкупната должина која ќе биде модернизирана е 13,3 километри, а обезбедени се средства во износ од четири милиони евра.

Во исто време ќе почне со градежни работи за модернизација и ремонт на железничката делница Миравци – Смоквица која е исто така дел од Коридорот 10. Оваа делница е во должина од 13,1 километар и за неа ќе бидат исплатени три милиони евра.

– За двете делници избран е изведувач на градежни работи за модернизација и ремонт и тоа конзорциум од реномирани компании од Австрија и Германија што дава гаранција за квалитетот на изведбата. Подготвителните работи се во полн ек и наскоро се очекува почеток на работата. Согласно договорот, целата активност за модернизација на двете железнички делници во вкупна должина од 26 километри треба да биде завршена во 2013 година.

Владата обезбеди и средства за реконструкција на железничката делница Згрополци – Ногаевци која е исто така дел од Коридорот 10 во износ од 10 милиони евра. Во текот на септември ќе биде распишана постапка за избор на изведувач на градежни работи за модернизација и ремонт и на оваа делница која е во вкупна должина од 28 километри.

– Со овие активности ќе бидат модернизирани и ремонтирани 54 километри од железничката пруга на Коридорот 10 за што Владата во соработка со ЕБОР обезбеди средства во висина од околу 17 милиони евра кои ќе ги лоцира за оваа намена.

Владата одлучи да почне и проект за обезбедување нови и современи возни средства за железницата. Владиниот портапрол нагласи дека за овој проект обезбедени се 50 милиони евра во соработка со ЕБОР и планирано е да се набават нови четири дизел-моторни троделни патнички гарнитури, две троделни патнички електро-моторни гарнитури, 150 товарни вагони од различни типови, како и да се изврши реконструкција на пет-шест електро-локомотиви.  Владата усвоила и прецизен Акционен план за реализација на оваа дејност и веќе е во тек постапка за избор на консултант кој ќе и помага на „МЖ Транспорт“ АД во целокупниот процес на кој 12 фирми доставија понуди и во тек е евалуација на понудите. Во октомври треба да се избори економски оператор и да се склучи договор.

– Потоа, МЖ Транспорт АД во соработка со консултантите треба да ја подготват документацијата за постапката за избор на производител на патничките гарнитури и товарните вагони. Во 2013 година треба најпрвин да се распише постапка за избор на производител, а потоа и да се склучи договор со производител кој ќе ги изработи и предаде средствата од возниот парк, подвлече Ѓорѓиев, истакнувајќи дека процесот комплетно со сите меѓуфази треба да заврши до 2015-2016 година