Ќе се намалува сивата економија во електронската трговија

39

Со цел намалување на сивата економија во е-трговијата и зајакнување на меѓусебната соработка Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), потпишаа меморандум за соработка со кој се предвидува да разменуваат информации од заеднички интерес, да споделуваат тековни и нови искуства, да учествуваат на настани од областа за е-трговија, да разменуваат професионални совети и да придонeсуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите на страните.

Државниот пазарен инспекторат и Асоцијацијата, исто така, ќе организираат и заеднички активности поврзани со сивата економија во е-трговијата, кои ќе имаат за цел да влијаат на намалувањето на сивата економија во е-трговија и да го поттикнат работењето на е-трговците како регистрирани правни субјекти, следејќи ги прописите од законската регулатива, како и да поттикнат раст и развој на е-трговијата во земјава.

“Само со заеднички пристап можеме да влијаеме и да направиме посериозни промени. Потпишувањето на меморандумот означува заедничка реализација на активности кои ќе влијаат кон надминување на предизвиците со сивата економија во е-трговијата, меѓу кои најизразена е појавата на бројни нерегистрирани субјекти кои своите производи и услуги ги продаваат преку социјални медиуми, без издавање на фискална сметка или фактура за направената купопродажба. Ова е прв чекор од нашата соработка со Државниот пазарен инспекторат која во периодот кој следи ќе биде интензивирана во насока на заеднички придонeс кон намалување на сивата економија и понатамошен развој на е-трговијата“, изјави Нина Ангеловска, претседател на АЕТМ.

Преку потпишувањето на овој меморандум Државниот пазарен инспекторат се стекна со Почесно членство во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

“Во време на брз пораст на е-трговијата во нашата држава и предизвиците кои таа ги носи со себе, како од аспект на контрола на работењето на е-трговците, што е и основна надлежност на ДПИ, така и од аспект на размена на искуства, информации за проблемите во работењето, но и потребата од соодветна законска регулатива, со цел да има коректна конкуренција и регулиран пазар, сметавме дека ни е потребно да оствариме една ваква соработка со АЕТМ, што секако е од обостран интерес. Оваа соработка ќе доведе до зајакнување на позицијата на ДПИ за поддршка на активности поврзани со е-трговијата, до реализација на заеднички проекти од областа на истражувањето, управување со знаење, промени и организациски развој, како и стратешки менаџмент и секако ќе доведе до зголемување на видливоста на работата и надлежностите на ДПИ на локално, регионално и национално ниво“, изјави в.д. директорката на ДПИ, Анета Симеска Димоска.

Фото: Pexels