Ќе се развива бањскиот туризам во Македонија

151

Донесување нов закон и измена на постоечките за доуредување на дејноста, интензивно привлекување странски капитал преку економските промотори, обезбедување извори за отворање нови бањи и продажба на градежни парцели за изградба на спа-центри, се само дел од планираните активности на владата со кои ќе ја засили поддршката за развој на бањскиот туризам.

За оваа цел веќе се консултирани странски експерти и сопственици на актуелните капацитети. Во целиот проект најмногу ќе се користат словенечките искуства.

“До крајот на годината ќе биде поднесен нов закон за бањи и ќе се распишат постапки за отуѓување земјиште за изградба на бањи во Виница за локалитет Истибања, во Пробиштип за локалитет Добрево – Злетово, во Дебар за Бања Бањиште, во Штип за Бања Кежовица, во Струмица за Бања Банско и во Кратово кај селото Вакув за спортско – рекреативен и бањски комплекс”, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Со измените на Законот за минерални суровини e предвидена можност за дополнително искористување на минералните, термалните и термоминералните води кои ги користат субјекти што веќе вршат друга дејност со нив, како оранжериско производство, но и постоечките бањи. Станува збор за Долни Полог – Кочани, Истибања – Виница и Смоквица – Гевгелија, места од кои водата се користи за загревање на оранжериското производство, Здравевци – Кратово каде што водата се флашира, како и Бањски Рид, Катланово – Петровец, Косоврасти и Бањиште – Дебар, Банско – Струмица, Негорска Бања, село Негорци – Гевгелија каде што водата се користи за балнеологија.

Tри нови локации ќе добијат концесионери за искористување на водите кои може да се употребат за бањски туризам, Проевце – Куманово (Кумановска Бања), Кежовица – Штип и Стрновец, Кумановско.