Ќе се развива планинскиот туризам

65

Нов проект за развој на планински туризам најави Владата, кој опфаќа инвестиции во планинските туристички центри, како и изградба на нови сместувачки капацитети со планинска конотација на локациите: Пониква Кочани, Етно парк Берово и Беровско езеро Берово, Крушево, Голак Делчево, Јанков камен Вевчани и Лазарополе, Галичник и Тресонче во Маврово и Ростуше.

Владата донесе одлука да се започне со реализација во рок од триесет дена. Од денес општините Кочани, Берово, Крушево и Делчево треба да распишат постапки за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање за сите наведени локалитети.

Со овој проект, нагласи на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, ќе се создадат услови за поголем развој на планинскиот туризам со што ќе се зголеми локалниот економски развој на општините, ќе се отворат нови работни места и ќе се создадат подобри услови за развојот на летниот и зимски туризам.

– Во првата напредна фаза се опфатени Пониква, Кочани, Етно парк Берово и Беровско езеро, Крушево и Голак Делчево за кои ќе се распише постапка за отуѓување на земјиште за изградба на нови сместувачки капацитети во соодветни туристички комплекси, а во два од нив Пониква и Крушево ќе се инвестираат и 140 милиони денари за изградба на нови атрактивни спортски содржини, рече Ѓорѓиев.