Ќе се врши ново ажурирање на невработените лица

33

Во наредните три месеци Министерството за труд и социјална политика преку Агенцијата за вработување ќе врши ново анкетирање и ажурирање на лицата кои се изјаснуваат како невработени.

Невработените лица ќе имаат можност да се изјаснат како активни или пасивни, односно лица кои бараат работа и посредување на Агенцијата при вработување и учество во активните мерки за вработување, или пасивни кои не бараат нејзино посредништво, ниту учество активни мерки за вработување. Пасивните нема да ги губат правата од областа на социјалната и здравствената заштита и ќе можат да се пријавуваат за обуките за стекнување вештини.

Според неодамнешното анкетирање, од вкупно 215.000 невработени, само 92.100 лица се изјасниле дека активно бараат работа, а околу 123.000 како пасивно невработени лица.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека второто анкетирање се прави за да се исправат некои неправилности од првото, но и со цел подетално да им се објаснат на граѓаните условите доколку се впишат како активни или пасивни.

“Нашите очекувања се до крајот на годината да имаме конкретни податоци за тоа колку реално невработени лица бараат вработување и посредување при вработување. Но, и зошто во услови на голема невработеност да се случува приватниот сектор тешко да доаѓа до профилот на работници кој му е потребен”, рече Спасов.

Министерот потенцираше дека евиденцијата која ќе се добие ќе биде искористена во насока на спроведување на натамошни конкретни мерки и проекти преку кои на новите невработени кои бараат работа ќе им се даде поддршка.

“Сето ова со цел со еден нов систем на посредување и нудење на слободни работни места, навремено и моментално информирање за сите отворени работни места, но и поддршка за остручување и подобрување на нивните вештини и директни мерки за вработување”, рече Спасов.

Како причини за тоа што само помалку од половина од невработените се изјасниле како активи министерот ги посочи неинформираноста, несоодветното објаснување од вработените во подрачните служби на Агенцијата за вработување кои им помагале да го пополнуваат образецот, но секако, како што рече, и во сивата економија, односно во фактот што многу од невработените веќе работат на црно.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека податоците кои ги собрале во првото ажурирање биле нецелосни или неточни, особено во делот на живеалиштето и телефон кој би можел да биде контакт за посредување при работа.

Тој дополни дека сега на невработените ќе им се даваат анкетните листови кои ги пополнувале да ги корегираат податоците ако има неправилности и повторно да им се објаснат условите за да се изјаснат како активни или пасивни.