Кен Блок е нов соработник на Audi за електрични возила

44

Audi и Кен Блок го најавија своето најново партнерство во кое фокусот ќе биде ставен на развојот на електричните возила.

Пред помалку од една година Кен Блок ја заврши својата долгогодишна соработка со Ford, а сега американскиот возач стана нов соработник на германскиот гигант Audi. Еден од најпознатите шоумени во светот на автомобилизмот, кој стана познат благодарение на неговите снимки со брзинска забава и трикови и ја популаризираше Gymkhana, започнува нова фаза во својата кариера, потпишувајќи соработка со Audi. Двете страни потпишаа договор според кој Блок ќе биде еден од советниците на германската компанија во развојот на идните електрични возила.

Возачот го посети седиштето на Audi каде имаше шанса да тестира некои легендарни модели на брендот како што е Sport Quattro S1, V8 Quattro DTM и e-Tron Vision Gran Turismo.

„Audi е брендот кој ја запали мојата пасија за мотоспортот. Навистина сум екстремно возбуден што го стартувам ова ново поглавје. Заедно, ќе развиеме иновативни проекти и ќе ги поместиме границите во електричната мобилност“, изјави Блок, кој особено воодушевен беше од електричниот спортски автомобил на Audi.

„RS e-Tron GT навистина ме изненади. Дизајнот е одличен со огромно внимание на деталите и совршениот финиш. Возачкото искуство е фантастично – автомобилот е неверојатно брзо и има одлична управливост. Центарот на гравитација е мошне низок, па може брзо да се менува насоката“.

Ниту возачот, ниту Audi, не сакаат во моментов да откриваат повеќе детали околу тоа каква ќе биде улогата на Блок, или пак темата на проектите на кои во иднина ќе работи тој. Медиумите навестуваат дека Блок ќе биде тест возач за идните ЕВ модели на брендот, а нема дилеми дека со своите луди снимки повторно ќе направи вистинско шоу.

„Кен Блок ја споделува љубовта на Audi за перформансите. Тој има способност да инспирира луѓе. Со неговото прогресивно размислување, тој ќе не придружува на нашиот пат кон електрификациската иднина“, изјави шефот на Audi брендот Хенрик Вендерс.

Преземено од Avtoplus.mk