Американска компанија за сигурносни производи Key Safety Systems (KSS) го проширува своето производство во Европа со инвестиција во Македонија. Планира отворање на 800 до 1.000 работни места, а локацијата на фабриката е Кичево.
Компанијата планира да почне на крајот на оваа година со работа во постоечки објект како браунфилд инвестиција, а кон средината на 2015 година со производство на Гринфилд локалција, при што се разгледува локација во Кичево. Во почетната фаза ќе се произведуваат воздушни перничиња. Локацијата е соодветна за да овозможи идно значително проширување на оваа производствена линија, како и на други производи и услуги во иднина.
“Планот за инвестиција на КSS во Кичево е во согласност со нашата посветеност да ги снабдуваме нашите клиенти низ целиот свет, преку обезбедување производи со најдобар квалитет, цена и технологија”, вели Џим Скарпа, виш заменик претседател на КSS за глобални операции.
КSS е светски лидер во дизајн, развој и производство на автомобилски сигурносни-критични компоненти и системи, вклучувајќи механизми за надувување, воздушни перничиња, волани и сигурносни појаси. Производите на КSS се дел од повеќе од 300 модели на автомобили произведени од повеќе од 60 високо-диверзифицирани клиенти низ целиот свет. КSS е со седиште во Мичиген, САД со меѓународна мрежа од 29 продажни, проектантски и производствени капацитети кои вработуваат приближно 9.000 луѓе низ целиот свет. Компанијата има 5 главни технички центри лоцирани во САД, Германија, Кина, Јапонија и Јужна Кореја.