КХВ го престави Перпетуалната обврзница, новиот инструмент на пазарот за хартии од вредност

40

Претседателот на Комисијата за хартии од вредност (КХВ) Нора Алити со тимот вчера пред Македонската банкарска Асоцијација го презентираше новиот хибриден инструмент на пазарот за хартии од вредност- Перпетуалната обврзница.

Целта на презентацијата запознавање на потенцијалните издавачи со можноста за користење на овој инструмент како начин за зголемување на својот дополнителен основен капитал, којашто е прифатена на пазарите на капитал во развиените држави, пред сѐ од страна на институционалните инвеститори.

“Финансискиот инструмент кој Комисијата го призна како хартија од вредност е препознаен во легислативата од доменот на банкарството и во моментов во Република Македонија може да биде издаден само од банка. Во поглед на инвеститорите во овој инструмент, и покрај тоа што не постојат законски ограничувања во смисла на тоа кој може да се јави како купувач на финансискиот инструмент, очекуваме истиот да биде во фокусот на интерес на институционалните инвеститори“, изјави Алити.

Средбата беше иницирана од страна на КХВ со цел Mакедонската Банкарска Асоцијација да има можност да добие одговори на евентуалните прашања и дилеми што ги имаат во врска со издавањето на овој нов вид на финансиски инструмент на пазарот во Република Македонија.