КХВ го усвои Стратешкиот план за работа за периодот 2019 – 2021 година

21

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) усвои Стратешки план за работа на Комисијата за периодот од 2019 до 2021 година и Годишна програма за работа на КХВ за наредната година.

Во овој тригодишен Стратешки план се зацртани целите за унапредување и развој на Комисијата, а тие се: инклузивен и одржлив развој на пазарот на хартии од вредност, заштита на инвеститорите и на интегритетот на пазарот, како и оптимизирање на институционалните перформанси.

Овој документ, меѓу другото, содржи и низа проекти  и активности, со чија реализација пазарот на хартии од вредност треба да биде канал кој му овозможува на капиталот да биде мобилизиран за оние на кои им е потребен, а ризиците поврзани со тоа, да ги сносат оние кои се подготвени да ги преземат. Со други зборови, Стратешкиот план дава предвидливост и нуди јавност на приоритетите и на плановите што Комисијата ќе ги презема во наредните три години и има цел инвеститорската јавност и учесниците на пазарот во овој стратешки документ да препознаат дополнителен импулс за целосна доверба во КХВ.

Програмата за работа за 2019 година пак значи операционализација и конкретизација на она што е утврдено во Стратешкиот план и претставува основа за активностите на Комисијата кои треба да ја зголемат ефикасноста и ефективноста на самата институција и да го унапредат пазарот на хартии од вредност во Македонија. Основните предизвици со кои ќе се соочи КХВ во 2019 година во голема мера ќе зависат од реформите во финансиската сфера, особено усвојувањето на новата законска регулатива и процесот на евроатлантска интеграција на државата.

На седницата што се одржа на 28 декември, 2018 година, КХВ донесе Решение со кое на брокерската куќа Илирика Инвестментс АД Скопје привремено и забрани да ја врши услугата – инвестициско советување во рок од пет работни дена, бидејќи свесно го прекршила Законот за преземање на акционерски друштва. Истовремено, на Илирика Инвестментс АД Скопје и на одговорното лице, КХВ им изрече јавна опомена.