КХВ и ја одзема дозволата за работа на Мој брокер

31

khv-300x168Комисијата за хартии од вредност (КХВ) трајно и ја одзема дозволата за вршење на услуги со хартии од вредност на брокерската куќа Мој брокер АД Скопје.

Одземањето на дозволата за работа е донесена на барање на самата брокерска куќа, откако Собранието на акционери на Мој брокер АД Скопје донело одлука со која брокерската куќа престанува да врши услуги со хартии од вредност.
Со трајното одземање на дозволата за работа на Мој брокер АД Скопје се исполнуваат условите за отворање на ликвидација на брокерската куќа, за што КХВ ќе поведе постапка пред надлежниот суд, се вели во соопштението.
Комисијата најави дека согласно Законот ќе ги задолжи Македонската берза АД Скопје и Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје веднаш по приемот на решението од КХВ трајно да ја исклучат од членство брокерската куќа Мој брокер АД Скопје.
Истовремено, КХВ донесе и Решение со кое го задолжи Друштвото за управување со инвестициски фондови Иново Статус АД Скопје во рок од 30 дена да отпочне постапка преку која ќе се овозможи друштвото да прибави средства со цел во иднина самостојно и од сопствени средства да ги намирува достасаните обврски. Имено, Иново Статус АД Скопје има акумулирано значајни вкупни загуби од работењето и не остварува доволни приходи од своето оперативно работење за покривање на расходите. Со отстранување на ваквата утврдена неправилност, би се подобрила финансиската состојба на друштвото, се појаснува во соопштението.