КХВ издаде одобрение за емисија на акции по пат на приватна и јавна понуда

52

Комисијата за хартии од вредност (КХВ), на Кроација Осигурување АД Друштво за неживотно осигурување Скопје ѝ даде одобрение да издаде трета емисија на акции по пат на приватна понуда. Станува збор за 12.000 обични акции со номинална и продажна вредност од 100 евра по акција, со вкупен износ на емисијата од 1.200.000 евра. Третата емисија е наменета за познат купувач – институционалниот инвеститор CROATIA osiguranje d.d.Zagreb, кој воедно е и единствен акционер на друштвото. Кроација Осигурување АД Друштво за неживотно осигурување Скопје издава нови акции заради зајакнување на капиталот и усогласување со одредбите од Законот за супервизија на осигурување.

На седницата што се одржа денеска, КХВ донесе Решение со кое на Агроплод АД Ресен за производство, преработка и промет увоз-извоз со П.О му даде одобрение за издавање на хартии од вредност по пат на јавна понуда. Се работи за втора емисија на 5.455 обични акции со поединечна номинална вредност од 220 евра по акција, со продажна цена од 13.530 денари по акција и со вкупна продажна вредност на емисијата од 73.806.150 денари.

Согласно Одлуката за зголемување на основната главнина на Друштвото, донесена на Собранието на акционери е утврдено дека при запишувањето и распределбата на запишаните акции се применува моделот на минимална цена со примена на принципот на приоритет на налози со повисока цена, поголема количина и порано време на внес на налогот во БЕСТ системот. Според податоците во Проспектот, акциите се уплатуваат во пари. Јавната понуда ќе се смета за успешна доколку се запишат и уплатат најмалку 60% од понудените акции од втората емисија.

КХВ обнови две дозволи за работење на инвестиционен советник за период од пет години.

Исто така, КХВ на 61-вата седница донесе Одлука за континуитет на работењето на КХВ во услови на пандемија на COVID-19 и прогласена вонредна состојба со која се уредува планот за континуитет во работењето и продолжување со дејноста на Комисијата за хартии од вредност, пред се, начинот на ангажирање на човечки ресурси, управување со клучните процеси, одржување на опремата и циклус на заменливост на вработените.

Фото: Pixabay