Кина: Имаме право да тргуваме со Русија

16

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан денеска изјави дека Кина има право да води трговски и економски односи со сите земји, вклучително и со Русија.
Вака тој реагираше на изјавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека САД ќе реагираат доколку Кина продолжи да и испорачува на Русија производи кои можат да имаат и цивилна и воена употреба, пренесува Тасс.

„Правото на Кина на нормална трговска и економска размена заснована на еднаквост и взаемна корист со сите земји, вклучително и Русија, не смее да биде повредено или поткопано“, рече Лин.

Тој изјави дека Кина „не е ниту иницијатор, ниту учесник во украинската криза“ и дека „на никој начин не долева масло на огнот и не ја искористи можноста да има корист“ од војната во Украина.

Лин додаде дека односот на Кина кон војната во Украина не е променет, односно дека Пекинг е за преговори и политички договор.

Блинкен претходно ја обвини Кина дека и испорачува на Русија производи кои можат да имаат и цивилна и воена употреба.

Фото: Pixabay