
Кина нагло го намали увозот на морска храна од Јапонија откако Токио почна да испушта вода од нуклеарната централа Фукушима во морето.
Вредноста на увозот на морска храна од Јапонија падна за 67 отсто во август во споредба со истиот месец минатата година, на околу три милијарди јапонски јени или околу 19 милиони евра, објави јапонската јавна телевизија NHK, повикувајќи се на податоците од кинеската царина, пренесе Гардијан. Јапонската Тепко, операторот на нуклеарната централа Фукушима, на 24 август почна да пумпа повеќе од милион тони вода од централата во морето, што предизвика критики од Кина и локалните рибарски заедници.
Кинеското Министерство за надворешни работи тогаш објави дека испуштањето вода од Фукушима е „крајно себичен и неодговорен чин“, додека Тепко и претставници на јапонската влада тврдат дека тоа нема да влијае на морскиот живот или здравјето на луѓето.
Кина е најголемиот пазар за јапонски морски плодови, а Пекинг го прекина увозот на овој вид стоки од Јапонија на крајот на август.