Кина сака да го „оживее“ својот пазар на недвижности вреден 2,4 трилиони долари

30

Кина се обидува да го спаси пазарот на домување во земјата во време кога довербата на потрошувачите и бизнисот е нарушена поради тековните блокади, пишува Блумберг. Наспроти ова, Пекинг ги повика банките да позајмуваат повеќе и да ги намалат каматните стапки на хипотеките за да се справат со кризата на имотниот пазар.

Властите дозволија дури и делумно олеснување на правилата за поседување на повеќе од еден имот – мерките се преземени како одговор на забавувањето во секторот недвижности, при што десетина градежни компании престанаа да плаќаат долг, а цените на становите паднаа.

 

 

Годишната продажба на нови домови достигна рекордни 2,4 трилиони долари минатата година, иако растот беше најбавен од 2014 година. Цените на становите паѓаат од септември минатата година, поткопувајќи го речиси загарантираниот начин на обичните кинески семејства да го зголемат своето богатство.

На почетокот на мај, Народната банка на Кина ја намали минималната каматна стапка за новите хипотеки за купувачи на први домови, дозволувајќи им да позајмуваат пари со каматна стапка од 4,4%, наспроти 4,6% претходно.

Претставници на централната банка се сретнаа со шефовите на повеќе од 20 големи банки и компании за управување со средства за да помогнат во решавањето на кризите во десетина големи градежни компании, вклучително и China Evergrande Group.

Централната банка повика на полабави барања за финансирање, од кредитирање до купување имот до продолжување на рокот на доспевање на долгот.

Пакетот од овие и други мерки преземени во земјава е најголемиот обид на властите да го спасат секторот за недвижности од кризата во која се наоѓа, коментираат експертите.