Кина во уште поголеми загуби

105

Директните економски загуби на Кина се зголемија на 41,18 милијарди јуани (5,74 милијарди долари) во јули.

Ова е повеќе отколку во периодот од јануари до јуни заедно, поради природни катастрофи и тешки временски услови кога два силни тајфуни ја погодија земјава за еден месец.

Влијанието на поплавите, иако вообичаено во Кина во лето, стана поизразено оваа година, погодувајќи повеќе од седум милиони луѓе ширум земјата во јули, кога Пекинг беше погоден од најлошите дождови во последните 140 години, пренесе Ројтерс.

Врнежите од дожд во североисточните провинции би можеле да бидат за 50 отсто поголеми од вообичаеното во август, предупредија кинеските метеоролози.

Јулските загуби од тајфунот Талим, кој ја погоди јужна Кина во средината на месецот, изнесуваат 2,61 милијарди јуани, додека загубите од поразорниот тајфун Доксури, чие влијание сè уште се чувствува во североисточна Кина, достигнаа 14,74 милијарди јуани, соопшти Министерството за вонредни состојби.

Вкупните загуби, надополнети со штетите од поплавите во југозападна и северозападна Кина, далеку надминаа 38,23 милијарди јуани во првата половина на 2023 година.

Во северната провинција Хебеј, од средата се евакуирани над 1,2 милиони луѓе поради поплавите предизвикани од обилните врнежи.

Во пристанишниот град Тијанџин, локалните власти евакуираа околу 66.000 луѓе. Главниот економски планер на Кина во петокот одвои дополнителни 100 милиони јуани за поддршка на закрепнувањето од катастрофи за Тијанџин и Хебеј.