Кина воведува санкции за американските производители на оружје

9

Кина воведе санкции за група американски компании поврзани со воената индустрија и нивните високи функционери, соопшти во средата Министерството за надворешни работи, наведувајќи ги како причини американското вооружување на Тајван и санкциите против кинеските компании.

Групата американски компании вклучува ограноци на „Lockheed Martin“, „Raytheon“ и „General Dynamics“, соопшти  министерството за надворешни работи.

Мерките, кои вклучуваат замрзнување на имотот во Кина и забрана за влез на нејзините високи функционери, стапија на сила во средата, се истакнува во соопштението на Министерството.

Потегот на Кина уследи по „неселективното наметнување на незаконски еднострани санкции од страна на САД врз голем број кинески компании врз основа на таканаречените фактори поврзани со Русија“, се вели во соопштението на Министерството.

Кина објави дека Соединетите држави ја „игнорирале нејзината објективна и непристрасна позиција за украинската криза“ и наместо тоа „се ангажирале во еднострано малтретирање и економска принуда“.

Министерството додава дека САД, исто така, продолжиле да му продаваат оружје на Тајван, што „сериозно го прекршува“ принципот на една Кина и заедничките коминике на двете земји и „сериозно го поткопува“ суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина.

Во јануари, Кина воведе санкции за американските производители на оружје „BAE Systems Land and Armament“, „Alliant Techsystems Operation“, „ViaSat“ и „Data Link Solutions“, замрзнувајќи ги нивните движни и недвижни средства и забранувајќи им на кинеските граѓани и организации да соработуваат и да прават бизнис со санкционираните компании.

Во понеделникот, Министерството за трговија објави дека ги ставил „General Atomics Aeronautical Systems“, „General Dynamics Land Systems“, како и „Boeing Defense“ и „Space & Security“ на списокот на „недоверливи субјекти“ поради продажбата на оружје на Тајван.

На компаниите им е забрането да извезуваат и увезуваат поврзано со Кина и нови инвестиции во Кина, на високите корпорациски функционери им е забранет влезот во Кина и се најавува дека ќе им бидат одземени работните дозволи и дозволите за престој.

Министерството за трговија усвои и посебен пакет мерки за американската компанија „Caplugs“, тврдејќи дека ги заобиколува санкциите со пренесување на кинески производи на компаниите од списокот на „неверодостојни субјекти“.

„Властите ги презедоа овие мерки за да го заштитат националниот суверенитет, безбедноста и развојните интереси на Кина“, се вели во соопштението.