Кинеската економија забележа раст од 4,9%

62

Кинеското стопанство го забрза растот во третиот квартал, поддржан од значителното закрепнување на потрошувачката на почетокот на есента по шокот предизвикан од коронавирусот, покажаа официјалните податоци во понеделникот.

Активностите во втората по големина економија во светот се зголемија за 4,9% од јули до септември во однос на истиот период минатата година, покажуваат статистичките податоци на земјата.

Во вториот квартал зголемувањето изнесуваше 3,2%.

На квартално ниво, БДП се зголеми за 2,7% помеѓу јули и септември. Во вториот квартал, тој беше за 11,5% повисок отколку на почетокот на годината, кога избувна епидемијата.

Во периодот од јануари до септември, активностите беа за 0,7% повисоки отколку во истиот период минатата година.

Закрепнувањето на втората по големина економија во светот од корона шокот започна на почетокот на пролетта, а новите податоци откриваат дека на почетокот на есента се проширила и на потрошувачката. Така, во септември продажбата на мало се зголеми за 3,3% на годишно ниво. Во август порастот изнесуваше скромни 0,5%.

Индустриското производство скокна за 6,9% во септември, по порастот од 5,6% во претходниот месец.

И инвестициите на компаниите покажуваат забележителни знаци на закрепнување. Така, вложувањата во фиксен капитал во првите девет месеци беа за 0,8% повисоки отколку во истиот период во 2019 година. Во првите осум месеци, тие беа за 0,3% пониски.

Владата воведе бројни мерки за поттикнување на растот и за поддршка на вработувањето, вклучително зголемени државни трошоци и даночни олеснувања. Централната банка ги намали основните каматни стапки и ги олесни регулативите за банкарските резерви.

Оваа година единствено кинеската економија во групата големи економии ќе забележи позитивна стапка на раст од 1,9%, проценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).