Кинески компании од областа Сичуан во Народна Република Кина се заинтересирани за инвестирање во земјоделскиот сектор во Македонија.
Ова му го соопшти амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Цуи Џивеи, на министерот за земјоделство Љупчо Димовски.
Џивеи најави дека во следниот период, кинеските бизнисмени ќе дојдат во Македонија за поблиску да се запознаат со условите за инвестирање во сточарството, посебно во делот за одгледување на овци.
Амбасадорот Џивеи го извести министерот Димовски дека областа Сичуан е најголемата кинеска провинција, со 90 милиони жители, и со најразвиено земјоделство, посебно во свињарството, каде годишно се одгледуваат по 90 милиони свињи. Eдна четвртина од вкупното производство на земјоделски производи во Народна Република Кина се остварува во провинцијата Сичуан.
За продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи веќе е потпишан Меморандум за соработка и Протокол за фито санитарни услови. Извозот на вино на кинескиот пазар во 2013 година е зголемен за 4,5 пати во споредба со 2012 година, што претставува дополнителен мотив за уште поактивно работење за поголемо присуство на македонските производи на кинескиот пазар.