Кинескиот BYD лани со рекорден профит

15

Кинескиот производител на електрични возила BYD минатата година забележа нето профит од рекордни 30 милијарди јуани (3,8 милијарди евра), што е за речиси 81 отсто повеќе од претходната година.
На крајот на последниот квартал компанијата ја презеде и титулата водечки производител на целосно електрични возила од американската компанија Tesla.

BYD забележа рекорден профит и покрај тешката конкуренција со која се соочува на домашниот пазар, пренесува француската новинска агенција АФП. Исто така, брзо се шири во странство, вклучувајќи ги и земјите во Југоисточна Азија, Латинска Америка и Европа.

Со минатогодишниот профит BYD ги исполни сопствените предвидувања. Тој процени дека нето добивката ќе застане на меѓу 29 и 31 милијарди јуани.

Компанијата првично беше специјализирана за производство на батерии, но во 2003 година влезе во автомобилскиот сектор. Во април 2022 година објавија дека ќе произведуваат само хибридни и целосно електрични возила, пренесува AFP.