Кинезите заинтересирани за инвестиции во железницата и еко-енергијата во Македонија

22

a6d3a200-ef2d-4658-8e88-5e96cb8f235cЗа време на работната посета на Кина, претседателот Ѓорге Иванов се сретна со менаџерскиот тим на Кинески железници и со Dongfang Electric Corporation, кои пак изразиле желба да инвестираат во Македонија.

“Менаџерскиот тим на China Railway искажа интерес за инвестирање во големи инфраструктурни проекти, како железница и гасификација, а пројавија интерес и за слободните економски зони”, соопштија од кабинетот на Иванов.

Според договореното, наскоро во Македонија домаќин ќе им биде министерот Џери Наумоф, кој ќе ги запознае одблиску со постојните слободни зони, како и можностите за изградба на нова слободна економска зона само за кинески компании.

Претседателот Иванов се сретна и со претставници на Dongfang Electric Corporation, една од најголемите компании на глобален план која произведува делови за хидро, термо, ветерни и нуклеарни централи.

Според соопштението од кабинетот на Иванов, раководството на компанијата искажало интерес за можностите за инвестирање во Македонија во хидро, термо и алтернативни извори на енергија, како ветерници и соларни колектори за крупните енергетски проекти и планови.

Согласно интересот на Владата за внесување на традиционалната кинеска медицина во здравствениот систем на Република Македонија, претседателот Иванов придружуван од министерот за здравство Тодоров оствари средба со раководството на универзитетот.

Договорено е во наредниот период да се оствари размена на посети, размена на доктори и студенти, со цел традиционалната кинеска медицина да стане дел од студентската програма на Универзитетот во Штип.