Клаус Шваб се повлекува од функцијата извршен директор

22

Светскиот економски форум (СЕФ) во вторникот потврди дека неговиот основач Клаус Шваб се повлекува од секојдневното управување на организацијата по повеќе од 50 години на чело. СЕФ рече дека овој потег е дел од повеќегодишната стратегија за промена на структурата на управување, префрлајќи го управувањето на претседател и одбор на директори.

Форумот не откри кој ќе го наследи Шваб и ќе стане заштитно лице на неговата елитна годишна средба во Давос, Швајцарија, пренесува Seebiz, повикувајќи се на CNBC. „Од 2015 година СЕФ се трансформира од платформа за собирање во водечка глобална институција за јавно-приватна соработка“, соопшти СЕФ.

Во соопштението се истакнува дека како дел од таа трансформација, организацијата, исто така, поминува низ планирана еволуција на управување од организација предводена од основачот до организација каде што претседателот и одборот на директори ја преземаат целосната извршна одговорност“.

Непрофитниот тинк-тенк потврди дека Шваб ќе се пресели на позицијата претседател на одборот на директори. Се додава дека одборот ќе биде организиран околу четири стратешки комитети „за дополнително зајакнување на извршувањето на нашата работа“. Од СЕФ најавија дека промената на раководството ќе биде завршена пред следниот собир во Давос во јануари 2025 година.

Шваб, германски инженер и економист го основаше форумот во 1971 година и беше и негов извршен претседател. Тогаш познат како Европски форум за менаџмент, првично беше замислен како место каде што ќе се соберат европските бизнисмени и владини претставници за да разговараат за зајакнување на нивната конкурентност во однос на САД. Со текот на времето, годишниот собир во Давос стана задолжителен настан за глобалната елита.