Клима уреди и компјутери – донација од Окта за Општата болница во Гостивар

40

img_9206

Општата болница во Гостивар доби клима уреди и компјутери, донација од компанијата Окта. Соодветно на потребите на болницата, опремата е наменета да ги подобри условите за пациентите, како и за вработените, обезбедувајќи средства за поефикасна работа на административната служба. Донацијата е дел од стратегијата на компанијата за корпоративна социјална одговорност и грижа за општеството, стои во соопштението.

“Свесни сме за улогата што како една голема компанија ја имаме кон заедницата во којашто работиме и затоа грижата за општеството е секогаш во фокусот на нашето делување. Истото сме го демонстрирале преку различни хумани активности, кампањи и донации кои се секогаш наш одговор онаму каде помошта е најпотребна. Здравствените установи се институции што нè засегаат сите нас како граѓани и затоа нивната состојба треба да биде сечија грижа и можност за помош. Како важен деловен субјект во оваа држава остануваме посветени на добросостојбата на граѓаните и подобрување на секојдневието“, изјави Јанис Героуланос, Главен извршен директор на Окта.

За директорот на гостиварската болница оваа донација има големо значење.

“Како јавна здравствена установа преку буџетот на болницата ја набавуваме неопходната медицинска апаратура и средства, што ни се приоритети, меѓутоа секогаш имаме потреба од подобрување и на останатите услови. Сето тоа оди во прилог на побрза и поефикасна работа на целиот персонал и подобри услови за пациентите. Оваа донација од компанијата Окта е пример за активната грижа на бизнис секторот за заедницата и за јавните установи, а резултатот што ќе го почувствуваат пациентите ја дава вистинската вредност на донацијата“, изјави Илбер Адеми, директор на Општата болница во Гостивар.