Кочани и Гевгелија од отпадна пластика ќе произведуваат еколошки плочки

95

Во периодот од април 2020 до мај 2021 година, во Кочани и Гевгелија, паралелно се реализираат проектите Намалување на отпадна пластика на територија на Општина Кочани преку воспоставување на систем за производство на екo плочки за надворешно уредување од отпадна ПЕТ пластика и Намалување на отпадна пластика на територија на Општина Гевгелија преку воспоставување на систем за производство на екo плочки за надворешно уредување од отпадна ПЕТ пластика, кои се спроведени од страна на Здружението Еко Тим Исток во партнерство со Екопроект-Ко од Кочани и Здружението ЕКО ЛАЈФ во партнерство со Близнак Ком во Гевгелија.

Двата проекти се финансирани од страна на Глобален еколошки фонд Програма за мали грантови (ГЕФ ПМГ), а кофинансирани од Здруженијата Еко Тим Исток и ЕКО ЛАЈФ и партнерите Екопроект-КО и Близнак – Ком.

Двата проекти се со вкупна вредност од 93.197 долари, од кои 52.150 долари се обезбедени од ГЕФ, а останатите во вредност од 41.047 долари од Здруженијата и партнерите.

Целта на двата проекти е намалување на отпадната пластика на територија на Општина Кочани и Општина Гевгелија преку воспоставување на систем на производство на еко плочки за надворешно уредување од отпадна ПЕТ пластика.

Заеднички ќе биде набавена линија за производство на еко плочки за надворешно уредување за чие производство, наместо бетон, ќе се користи отпадна ПЕТ пластика (од Кочани и Гевгелија) и песок, а ќе биде поставена во Гевгелија. Станува збор за нов и сертифициран производ на нашите простори, а кој се произведува и користи во други земји повеќе од 10 години.

Паралелно со тоа, со младите и медиумите од двете општини, ќе се работи на подигнување на јавната свест за придобивките од рециклирање на отпадна пластика.

Фото: Freepik