Кога Безос го “шутна“ Гејтс?

82

Во време на пандемија, од една страна постојано зборуваме за криза, предизвици, економски последици, број на заразени, а од друга страна за богатите кои не престануваат да го “билдаат“ своето богатство.

Веќе сите знаат дека најбогат на планетата е Џеф Безос, основач на најголемата онлајн продавница Amazon, со богатство од 179 милијарди долари. Но, тој не беше секогаш најбогат Американец. Враќајќи се една деценија наназад, приматот најбогат во Америка го имаше основачот на Microsoft, Бил Гејтс. Во “далечната“ 2010 година, богатството на Гејтс беше проценето на 54 милијарди долари. Зад него се најде неговиот пријател и основач на Berkshire Hathaway, Ворен Бафет со 45 милијарди долари. Меѓу петте најбогати пред една деценија беа и првиот човек на Oracle, Лери Елисон со 27 милијарди долари, Кристи Валтон од Walmart со 24 милијарди долари и Чарлс и Дејвид Коч од истоимената американска компанија со богатство од по 22 милијарди долари.

Пет години потоа, во 2015-та година, Гејтс останува недопирлив на врвот со 77 милијарди долари. Бафет “љубоморно“ го чува второто место со неговото богатство што тогаш вредело 63 милијарди долари. “Бронзениот медал“ таа година, за првпат, му припадна на Безос, благодарение на неговото богатство од 51 милијарда долари. Славната “петорка“ таа година ја комплетираа Елисон со 48 милијарди долари, а во ова друштво влегува и основачот на Facebook, Марк Цукерберг со 44 милијарди долари.

Само две години подоцна, во 2017-та година, Безос инкасира 106 милијарди долари, со што го “шутнува“ Гејтс на второ место, бидејќи неговото богатство тогаш било 92 милијарди долари. Бафет паѓа едно место подолу со 81 милијарда долари, Цукерберг е четврти со 68 милијарди долари, а Елисон со 59 милијарди долари, беше петтиот најбогат Американец.

Денес, според магазинот Forbes, Безос е неприкосновен на врвот со богатство од 179 милијарди долари, Гејтс е вицешампион со 111 милијарди долари, Цукерберг е зад нив со 85 милијарди долари, Бафет е четврти со 74 милијарди долари, а Елисон има две милијарди долари помалку.

Фото: Facebook