Кога да одбиете, а кога да прифатите дополнителни работни задачи?

147

balans-pixabay

Фото: Pixabay

Кога размислувате за работниот ден – колку работни задачи што ги извршувате спаѓаат во описот на вашето работно место?

Со текот на времето под влијание на желбата да се докажете, преземате бројни работни активности и задачи што излегуваат од описот на вашето работно место за коешто сте платени. Меѓутоа, колку од тие вонредни задачи навистина ќе придонесат за вашиот деловен развој, а колку од нив едноставно ве излудуваат?

Најуспешните вработени се најлесна мета за вакви ситуации. Тие се секогаш желни за нови предизвици и бараат начини како да ги покажат своите вештини.

Вработените што се согласуваат да ги извршуваат сите наложени задачи се наоѓаат во опасност животот да им се сведе само на работа и нема да можат да пронајдат време за себе и своите партнери и пријатели. На дополнителни работни задачи вработените често се согласуваат под претпоставка дека таквиот ангажман ќе им донесе унапредување, зголемување на плата или било каква награда. Меѓутоа, тоа често не се случува.

Нема ништо лошо во преземање на дополнителни одговорности, но ако не подвлечете црта во одреден момент, тогаш ќе имате проблеми. Ако имате премногу обврски вашата работа ќе трпи последици, бидејќи нема да можете доволно да се посветите на битните работи, а исто така и во приватниот живот луѓето ќе се чувствуваат запоставени.

Дали тоа значи дека треба во потполност да ја отфрлите идејата за дополнителни обврски? Секако дека не. Но, мора да бидете сигурни дека ги прифаќате обврските од правилната причина.

Ако имате обичај да прифаќате се што ќе ви се понуди, еве како можете да процените кога е најпаметно да ја одбиете понудената работна задача:

Работното место на коешто сте вработени ќе страда

Опасно е да се прифатат дополнителни обврски, ако тоа може да влијае на вашите класични работни задачи.

Кога тоа е работа на некој друг

Воопшто не е важно на која работна позиција сте, лесно може да западнете во замката на извршување на работна задача што не е ваша. Едноставно запрашајте се дали извршувањето на таа задача ќе придонесе во напредокот на вашата кариера. Ако дополнителните обврски едноставно не се вклопуваат во вашата деловна визија, немојте да се плашите да ги одбиете.

Кога не постои излезна стратегија

Немојте да прифаќате дополнителни одговорности ако не знаете колку долго ќе траат или со кого ќе работите. Потрудете се до вас да стигнат сите детали за дополнителната обврска и да бидат кристално јасни, за да не се најдете во безизлезна ситуација.

Кога дополнителната обврска нема да придонесе за вашиот бизнис раст, сетот на вештини или бизнис мрежа

Понекогаш дури и задачите што не спаѓаат во опис на вашата работа, може да бидат добра прилика за контакт со битни луѓе. Од другата страна, проектот што подразбира пополнување на стари извештаи не ви пружа никаква прилика за развој.

Ако одлучите да ги одбиете новите задачи, бидете неутрален во разговорот – објаснете како тоа може да влијае на компанијата, а не на вас. Ако пак ги прифатите, тогаш јасно нагласете што очекувате за возврат – подобри работни задачи во иднина, чекор кон унапредување, поголема плата или слично, за да не се најдете во неизвесност.

Запаметете, поставување на граници не значи помала мотивација и амбиција. Тоа едноставно значи дека ја цените вашата работа и не сакате да ја доведете во опасност со преземање на задачи што не се во вашиот моментален фокус.