Во човечката природа е потребата од промена, понекогаш поради монотонија, а понекогаш поради предизвик, подобри услови или нешто сосема друго. Најдобар показател дека сте ја одбрале вистинската работа е ако станете наутро и имате желба да одите на работа, но што кога “нозете“ ви се враќаат?!
Постојат некои детали на коишто треба да обрнете внимание, а може да ви помогнат да сфатите дека е време да се “збогувате“ со старата и да почнете нова работа.
Блиските ве убедуваат дека е време за нова работа
Блиски луѓе од семејството или пријатели кои добро ве познаваат, ако имаат впечаток дека нешто се случува со вас, дека работата врз вас влијае негативно… тогаш почнете да размислувате да ја промените средината.
Негирате дека имате проблем
Ако пред некој проблем решите да ги затворите очите, тоа не значи дека проблемот ќе исчезне, туку напротив може само да значи дека е време за некоја нова промена. Затоа, побарајте помош од некој колега или близок пријател за да ви помогне, но доколку нема решение на повидок, тогаш природно ќе биде побарате друга работа.
Не можете да најдете заеднички јазик со колегите
И покрај сите обиди да ги изгладите проблемите, да најдете заеднички јазик, некои работи никако да се поместат од мртва точка. Тоа само ќе го вклучи алармот дека е време за промена, бидејќи во спротивно тоа може да се одрази врз квалитетот на вашиот живот.
Исчезна желбата и нема ентузијазам
Дури и во моментите кога е тешко, се соочувате со некој предизвик или се наоѓате во некој турбулентен период, ако наоѓате сила да се изборите со сето тоа, тоа значи дека сте на вистинското место. Но, кога од таквите ситуации чувствувате дека сте веќе преморени, немате сила да се борите, немате нови идеи и не сакате ништо да преземете, тогаш почнете да ги разгледувате огласите за работа.
Фото: Freepik