Кога Европејците ќе почнат да ги трошат заштедите од пандемијата?

60

Пред само неколку недели многу од европските земји се надеваа дека граѓаните со редовни примања наскоро ќе почнат да ја трошат заштедата што ја оствариле за време на пандемијата, но проблемите со вакцинирањето и новиот бран од пандемијата покажаа дека работите нема да одат така глатко.

Повторното ширење на пандемијата ги принуди владите повторно да воведат рестриктивни мерки, а во исто време доцни и вакцинирањето, па уште нема одговор на прашањето кога рекордната заштеда на граѓаните конечно ќе се претвори во потрошувачка.

Пандемијата ја загрози или уништи егзистенцијата на милиони луѓе, а голем број од оние кои имале среќа да ја задржат работата, одлучија повеќе да штедат бидејќи во време на пандемија немаат каде да трошат.

Во Германија штедењето изразено како удел во расположливиот доход во 2020 година порасна на рекордни 16,2% во однос на 10,9% во 2019 година.

Во Франција во последното тримесечје од минатата година уделот на штедењето беше 22,2%, што е помалку од рекордните 27,5% во период од април до јуни, а голем пораст има и во Италија и Шпанија.

Економистите се надеваат дека граѓаните од еврозоната ќе почнат да ја трошат “присилната“ пандемиска заштеда и така да поттикнат закрепнување на економијата, којшто се очекува да даде послаби резултати од САД.

Фото: Pexels