Кога меѓународните патувања ќе се вратат на нивоата пред пандемијата?

78

Отворањето на границите и масовното патување најверојатно ќе започне во март годинава. Ова го изјави извршниот директор на AirAsia, Тони Фернандез, цитиран од CNBC.

Според неговиот тим, „масовното патување низ светот веројатно ќе закрепне со огромно темпо пред пролетта“.

„Верувам дека сме на почетокот на крајот на пандемијата. Закрепнувањето дури започна и побарувачката е многу, многу силна“, рече тој.

Извршниот директор на AirAsia верува дека меѓународните патувања ќе се вратат на нивоата пред Ковид-19 околу шест месеци откако ќе почнат повторно да се отвораат границите. А тоа треба да се случи најдоцна во почетокот на март.

Според пооптимистичките теории, со масовниот тек на „омикрон“, пандемијата е при крај. И ако е така, нема да има причина за ограничувања на патувањата, масовни тестови и карантин.

Уште на почетокот на декември минатата година, JPMorgan предвиде дека варијантата на Ковид-19 – „омикрон“ веројатно ќе биде почеток на крајот на пандемијата, бидејќи таа е позаразна, но многу помалку опасна од претходните соеви.

Всушност, таквиот развој на настаните ги следи историските обрасци на развој на вирусот и ако се покаже дека е така, ова ќе биде позитивно за берзите и другите ризични средства, како и за глобалната економија во целина, сигнализирајќи дека крајот на пандемијата е веќе на повидок.