“Лидер е тој што во моментот кога ќе се соочи со успех се врти кон тимот, а кога ќе доживее неуспех, се гледа самиот во огледало”, рече Илијанчо Гаговски, основач на PrymApps на првата средба на членовите на ЦЕЕД бизнис и едукативен клуб Силвер, на тема Динамично лидерство.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со оваа тема: Што е лидер, дали лидерот се раѓа или се создава и дали постојат сличности или разлики меѓу менаџер и лидер?
Лидерот, според Гаговски, се создава, иако e потребно да има и определени предиспозиции за успешен визионер кој ќе го води тимот. Лидерството не е тоа што се случува кога лидерот е присутен, туку кога тој не е присутен. Добриот лидер верува дека луѓето и можат и сакаат да се развиваат во рамки на компанијата.
Лидерството претставува значајно партнерство, а сите вработени во тимот на успешен и добар лидер ја ценат комуникацијата и нивната вклученост во сите важни процеси во компанијата.
Секој добар лидер мора во текот на својата работа да развива неколку важни вештини. Лидерот мора да знае да воспостави дијагноза, односно да се постави во ситуацијата на другите луѓе и да ги процени нивните потреби. Секој лидер има свој стил на работа, кој го развива благодарение на неговото искуство, вештини и начин на управување со тимот на соработници. И она без кое лидерот не може да смета на успех е воспоставување на партнерски однос. Преку партнерството, лидерот мора да знае како да го води тимот за да се постигнат проектираните цели.