Министерот за здравство, Венко Филипче денеска најави дека од идната недела во државава ќе се издаваат ковид сертификати со кои ќе може да се патува во европските држави. Дигиталниот сертификат ќе има QR код од кој ќе може да се прочитаат податоци за завршена имунизација против коронавирусот или пак податоци за направен ПЦР тест или за антитела.
“Ние следната недела ќе го издадеме и т.н. грин пас. Тоа ќе е оној електронски QR код што ќе има податоци за вакцината, за ПЦР-тест и евентуално за антитела, па кој било од трите параметри, за да може патникот да ги има со себе ако се патува во која било европска земја“, изјави Филипче.
Како што објавија француските медиуми повикувајќи се на европски извори, претставници на 27-те земји членки на Европската Унија денеска се согласиле да дозволат влез во Унијата за патници од трети земји кои ги примиле потребните дози на антивирусните вакцини одобрени во ЕУ.
Фото: Freepik











