
Според најновиот Меѓународен индекс на даночна конкурентност (ITCI) објавен од Даночната фондација, разликите во даночните системи низ Европа се огромни – а резултатите покажуваат дека економскиот раст зависи не само од нивото на даноците, туку и од нивната структура и едноставност.
Податоците на Евростат покажуваат дека вкупните даночни приходи во ЕУ во 2023 година изнесувале 40% од БДП, што јасно ја илустрира централната улога на даноците во финансирањето на јавните услуги. Сепак, даночните политики и стапки варираат во зависност од економските приоритети и социјалните модели на секоја земја.
Како се мери даночната конкурентност?
Индексот ITCI ги оценува земјите според два основни критериуми: конкурентност и неутралност.
Конкурентен даночен систем ги одржува маргиналните стапки ниски за да ги поттикне инвестициите и растот.
Неутралниот систем собира приходи со што е можно помалку економски нарушувања и административни компликации.
Важно е да се нагласи дека подобрата позиција не мора да значи пониски даноци – честопати ефикасноста на даночната структура е клучна.
„Земјите можат значително да го подобрат својот даночен систем со намалување на сложеноста и неефикасноста, без губење на приходи“, изјави за Euronews Business аналитичарот на Даночната фондација, Алекс Менгден.
Естонија е најдобра, Франција најлоша
Од 27 европски земји, Естонија е апсолутен лидер со резултат од 100 поени, додека Франција е последна, со само 45,8.
Франција падна на дното на листата поради привремен дополнителен данок на големите корпорации, што ја зголеми нејзината највисока маргинална стапка на корпоративен данок на 36,1% – највисока во целиот ОЕЦД и речиси 12 процентни поени над просекот (24,2%).
Без тој дополнителен данок (додаток), Франција би имала стандардна стапка од околу 25%.
Балтичките земји доминираат
Три балтички држави – Естонија (100), Латвија (92,8) и Литванија (81,8) – се на врвот на листата.
Веднаш зад нив е Швајцарија (86), додека нордиските земји (Шведска, Норвешка, Финска, Данска и Исланд) се во средниот дел од рангирањето.
На спротивниот крај од табелата, покрај Франција, се наоѓаат Италија (50,3), Полска (54,7) и Шпанија (57,9), по што следат Португалија, Обединетото Кралство, Ирска и Белгија, кои ја формираат групата со осум најниски оценки во Европа.
Интересно е што земјите од Централна и Источна Европа како Унгарија (78,7), Чешка (77,4) и Турција (75,9) се меѓу десетте најконкурентни.











