Со просечна годишна бруто заработувачка од 915.637 денари, епитетот најплатено занимање во Македонија во текот на 2014 година го имаат директорите на производни претпријатија и институции за специјализирани услуги, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во оваа класификација на занимања, според податоците, мажите годишно во просек заработиле 1.007.626 денари, додека кај жените тој износ е 742.595 денари.
Зад нив, според просечната годишна бруто заработувачка се најдоа административните и комерцијални директори со 814.808 денари.
Од другата страна пак, елементарните занимања како што се чистачи и помошници имаат најниска просечна годишна бруто заработувачка од само 212.161 денари.
Секторски анализирано, најплатена бранша во 2014 година биле финансиските дејности и дејностите на осигурување, каде што годишната просечна заработувачка е 737.474 денари. Зад нив е секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со просечна годишна заработувачка од 624.274 денари. Стручните, научните и техничките дејности се трети најплатени во 2014 година со просек од 574.100 денари.
Најмалку платен сектор во текот на 2014 година беа дејностите поврзани со објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 237.495 денари.
Кога во предвид ќе се земе степенот на образование, најдобро платени во земјава во текот на 2014 година биле оние со високо образование – 573.138 денари. Од овој сегмент, мажите во просек заработиле по 645.841 денари, додека кај жените просечната годишна бруто заработувачка е 510.876 денари.
Највисока просечна бруто заработувачка според работниот стаж остваруваат оние вработени што се во редовен работен однос од 25 до 29 години – 477.459 денари. Со најмала заработка, пак, се вработените кои имаат до една година стаж, па нивната просечна годишна заработка се движи околу 283.849 денари.