Кои се најголеми трговски партнери на Македонија?

217

Во периодот јануари – декември 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта  и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 6.482.128.000 евра и бележи пораст од 10,4% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 8.441.156.000 евра, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 1.959.028.000 евра.

Фото: Pexels