Кои се најголеми трговски партнери на земјава?

47

Германија е најголем трговски партнер на земјава, а тоа го потврдуваат и бројките од македонската статистика. Вкупната трговска размена со Германија, за првите четири месеци, достигна вредност од 1,4 милијарди евра, што е за 57% повеќе во однос истиот период минатата година. Од јануари до април годинава, извозот со Германија достигна вредност од 1,1 милијарда евра, што е 66,5% повеќе во однос на првите четири месеци од минатата година. Кога станува збор за увозот, тој во првите четири месеци од оваа година достигна вредност од 321.712.000 евра или 30% повеќе во споредба со истиот период лани.

Велика Британија, според Државниот завод за статистика, е втор најголем трговски партнер на земјава(725,9 милиони евра) со извоз во вредност од 72.522.000 евра или 33,6% повеќе одошто во периодот јануари – април лани. Увозната страна има вредност од 653.453.000 евра или 192,5% повеќе во споредба со првите четири месеци лани.

Трет најголем трговски партнер на Македонија е соседна Србија, со којашто вкупната трговска размена за четири месеци изнесува 270.110.000 евра или 11,5% повеќе во споредба со јануари – април 2020 година. Извозот надмина 73 милиони евра, а увозот над 196,9 милиони евра.

Меѓу најголемите трговски партнери на земјава се и: Грција со 243,3 милиони евра трговска размена, Кина 219,9 милиони евра, Бугарија 213,6 милиони евра, Италија 186,8 милиони евра, Турција 186,4 милиони евра, Унгарија 145,3 милиони евра, Полска 123,7 милиони евра…

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – април 2021 година, изнесува 2.278.124.000 евра и бележи пораст од 40,7% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3.081.929.000 евра, што е за 34,4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2021 година, изнесува 803.805.000 евра.

Фото: Freepik