
Циклусот на гласање за Златно Тркало 2026 официјално заврши на 31 март во 23:59 часот, со што се доби конечната листа на победници во четири категории. И оваа година, автомобилските ентузијасти од Македонија активно учествуваа во изборот, при што беа регистрирани нешто помалку од 20.000 гласови.
Интересот за изборот останува на високо ниво, а значаен придонес во тоа има и заедничкиот ангажман на организаторите и партнерите во промоцијата на финалистите. Како и претходно, сите номинирани модели беа подеднакво претставени пред јавноста, овозможувајќи фер и транспарентен процес на гласање.
Победници по категории
По завршувањето на гласањето, познати се победниците во секоја од категориите:
– Главна Награда – Најпосакуван Автомобил во Македонија со 43,2% од гласовите: Audi Q5
– Најпосакуван Семеен Автомобил во Македонија со 25,3% од гласовите: Opel Frontera
– Најпосакуван Градски Автомобил во Македонија со 26,5% од гласовите: Renault Clio
– Најпосакуван Електрифициран Автомобил во Македонија со 21,6% од гласовите: Lynk & Co 08
Манифестацијата продолжува да расте
Златно Тркало продолжува да се етаблира како една од најрелевантните автомобилски манифестации во Македонија. Со секое ново издание, изборот привлекува големо внимание од јавноста и индустријата, благодарение на заедничкиот ангажман и професионалната организација, како и фер и транспарентниот процес на избор, притоа нудејќи уникатна можност граѓаните директно да учествуваат во изборот на најпосакуваните модели на пазарот.
Правото на глас го имаа сите корисници со пристап до интернет и социјални мрежи, што овозможи репрезентативен примерок и реален приказ на преференциите на македонските купувачи.
Кога станува збор за самиот избор, учество можеа да земат сите нови автомобили кои се промовираа на пазарот во изминатите 12 месеци. На конечната листа се најдоа моделите кои овластените импортери одлучија да ги номинираат.
По ова, финалистите беа ставени на гласање пред јавноста, а сите лица во земјава кои имаат пристап до интернет и социјални мрежи можеа да го дадат својот глас, според кој се добива конечниот резултат.
Свечено доделување на наградите
Официјалниот настан за доделување на наградите ќе се одржи на 15 април со почеток од 19 часот, во ресторанот Рагуза Парк, каде победниците ќе ги добијат своите признанија.
Од името на организаторите, упатени се честитки до сите победници со желби за успешна година и одлични продажни резултати на најпосакуваните автомобили во Македонија.











