Кои се основани причини за отказ?

680

Ширење на пандемијата во многу земји е причина за намалување на бројот на вработени. Слична е ситуацијата и кај нас, па затоа добро е да ги знаете основаните, но и неоснованите причини за добивање отказ, според Законот за работни односи во нашава земја.

Постојат неколку начини за раскинување на договорот за вработување:

  • Со изминување на времето за коешто бил склучен;
  • Со спогодба помеѓу работодавачот и работникот;
  • Со отказ од страна на работодавачот;
  • Со отказ од страна на работникот;
  • Поради исполнување на услов за старосна пензија на работникот;
  • Поради престанок на работодавачот;
  • Со судска пресуда;
  • Поради губење на работната способност на работникот;
  • Со смрт на работникот или на работодавачот ако е тој физичко лице;

Според законот за работни односи, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако:

  • Работникот заради своето однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со закон, не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работниот однос (лична причина) или
  • Работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос (причина на вина) и
  • Престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).

Работодавачот, согласно законот, е должен во случај на откажување на договорот за вработување од деловна причина да провери дали е можно да го вработи работникот под променети услови или на други работи, односно дали е можно да се доквалификува, односно преквалификува за друга работа. Ако постои таква можност, работодавачот на работникот му понудува склучување на променет договор за вработување.

Законот ги одвојува неоснованите причини за откажување на договорот за вработување:

  • Членство на работникот во синдикатот или учество во синдикални активности во согласност со закон и колективен договор,
  • Поднесување на тужба или учество во постапка против работодавачот заради потврдување на кршење на договорните и други обврски од работниот однос пред арбитражни, судски и управни органи,
  • Одобрено отсуство заради болест или повреди, бременост, раѓање и родителство и нега на член на семејството,
  • Користење на одобрено отсуство од работа и годишен одмор,
  • Отслужување или дослужување на воен рок или воена вежба и други случаи на мирување на договорот за вработување, утврдени со закон.

Законот, исто така, вели дека работодавачот може да му го откаже договорот за вработување од лични причини на страна на работникот, ако работникот не ги извршува работните обврски утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договор за вработување или ако ги крши работниот ред и дисциплина.

Фото: Pixabay