Кои се приоритети на бизнис секторот во услови на корона – криза?

31

Премиерот Зоран Заев заедно со министрите задолжени за економските ресори Фатмир Битиќи, заменик на премиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Фатмир Бесими, министер за финансии, Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање и Венко Филипче, министер за здравство, денеска имаа средба со претставници на Сојузот на стопански комори.

Премиерот Заев им порача на деловните луѓе, претставниците на најголемиот број на мали и средни претпријатија во државата, членки на Сојузот на стопански комори дека Владата е тука, да помогне и подаде рака на бизнис секторот.

“Неслучајно во првите денови од работењето на новата Влада сме на средби со нашите македонски комори затоа што фокусот е на економијата и правниот систем.
Државата е стабилна и постои да им помага на граѓаните, на стопанството и во дијалог со стопанските комори и синдикатите и сите учесници во општествениот живот ќе бидеме со намера за им служиме, да бидеме најдобар сервис и за време на коронакризата, за која најавуваат дека ќе продолжи следните шест до осум месеци.
Во такви околности, државата почна со процес на дискусија, дебата и консултации за креирање за следни пакети мерки за поддршка на стопанството, економијата и граѓаните“, рече Заев.

Сојузот на стопански комори ги потенцираше приоритетите кои треба да отпочнат да се реализираат уште во првиот месец од формирањето на новата Влада, за справување со кризата, а потоа за економско закрепнување.

Данела Арсовска, претседател на Сојузот на средбата со премиерот Зоран Заев истакна дека најпрво е потребна директна финансиска помош за претпријатијата кои се во тешка состојба и се борат да ја одржат ликвидноста.

“Директна таргетирана финансиска помош во следните месеци е неопходна за опстојување и покривање на основните месечни трошоци, а воедно да се овозможи на оние на кои им е тоа неопходно одложување или репрограмирање на кредитите, аконтациите за даноци и другите  финансиски оптоварувања минимум до крајот на годината. Најавата за  укинување на парафискалните односно скриени давачки кои во вкупната сума често ги надминуваат даночните обврски, беше едно од нашите барања и очекуваме согласно ветеното реализација на ова ветување. Овие скриени и непредвидени трошоци кои согласно регистарот на ССК ги има повеќе од 145 се очекува да се скратат, со што во време на криза ќе биде дополнителна помош за претпријатијата“, рече таа.

Важно е и справувањето со сивата економија со одлучна акција уште во првите месеци од новата Влада. Ако не се реши во криза овој проблем, како што рече таа, неиздржливоста на состојбите ќе поттикне даночна евазија. Доколку оние кои работат на црно нерегистрирани поминуваат неказнети, тоа ќе испрати лоши сигнали за сите граѓани кои се дисциплинирани и плаќаат даноци.

Дополнително, посебен акцент треба да се стави на коалициската борба со корупцијата за да нема можност за изигрување на прописите, изјави Арсовска и додаде дека на приватниот сектор му е потребно владеење на правото, сигурност  и верба во институциите.

Претседателот на Владата, Зоран Заев рече дека Сојузот на стопански комори е значаен и испрати порака до малите и средни претпријатија  дека државата е тука кога треба да се подаде рака и да биде најдобар сервис на граѓаните.

Дополнително тој најави капитални инвестиции, стабилна даночна политика, дигитализација, реформа во администрацијата, намалување на парафискалните давачки за 70%, поддршка на извозот, владеење на правото. Заев потврди дека Сојузот ќе биде вклучен во креирањето на економските политики и во следењето на нивната имплементација, единствено така може да очекуваме зголемен економски раст и развој.

Премиерот истакна дека од Сојузот очекува голема помош во борбата со сивата економија, која ќе се спроведува во најголем дел преку зајакнување на инспекциските служби како и со дополнителни инструменти.

Претседателството на Сојузот на стопански комори на Македонија во разговорите со економскиот тим на Владата ја истакна важноста  неопходните економски приоритети да бидат во согласност со реалните потреби на претпријатијата.

Сојузот на стопански комори како највисока форма на организирање на национално ниво е најголемата деловна мрежа која застапува преку 35 стопански комори и организации.