Кој е Алексеј Милер?

276

Управниот одбор на руската компанија Gazprom повторно го избра Алексеј Милер за претседател на управата на компанијата, стои во соопштението на компанијата.

“Управниот одбор го разгледуваше прашањето за избор на претседател на управата на јавното акционерско друштво Gazprom и едногласно донесе одлука Алексеј Борисович Милер да биде претседател на управата, почнувајќи од 31-ви мај 2021 година на пет години“, стои во соопштението.

Милер е претседател на управата на Gazprom од 2001-ва година, а на 31-ви мај му истекнува претходниот петгодишен мандат.

Инаку, Милер е дипломиран економист роден во 1962-ра година во Санкт Петербург, во семејство со германско потекло. На почетокот на 90-тите години на минатиот век е дел од екипата на Путин, од 1991-ва до 1996-та година, работел во Комитетот за надворешни врски на петербуршката градска управа, чиј шеф бил сегашниот руски лидер, Владимир Путин.

Во текот на 90-тите години работел и како шеф на Балтичкиот гасен систем и во пристаништето Санкт Петербург, а во 2000-та година станува дел од власта, како заменик министер за енергетика.

Во Gazprom е од 2001-ва година, а под негова закрила во 2004-та година, Русија го враќа контролниот пакет од 51% акции на Gazprom, што наводно била една од задачите што ја добил од Путин.

Милер важи за шеф со најдолг мандат во една од водечките руски компании.

Фото: Gazprom