Кој е Клеменс Тенис, германскиот крал на месото, чија фабрика стана корона жариште

Деновиве медиумите пишуваат за големиот број на заразени во германската компанија за преработка на месо Tönnies, но и за тоа дека Роберт Тенис го прозива својот чичко, Клеменс за неодговорно однесување и загрозување на здравјето на луѓето и бизнисот.

Сопственикот на најголемата германска индустрија на месо, со милијарди во џеб, го носи епитетот “крал на месото“. Клеменс Тенис е шеф на гигантот Tönnies основан во 1971 година.

Фабриката се наоѓа во градот Гитерслох во западна Германија и вработува околу 7.000 луѓе кои се сега во изолација поради коронавирусот. Се преземаа строги мерки откако 1.500 работници беа позитивни на корона.

Клеменс Тенис (64) моменталната ситуација ја нарече егзистенцијална криза за компанијата. Тој се извини поради тоа што во погонот на неговата компанија вирусот се раширил, бидејќи таквата ситуација предизвика бес кај мештаните. Училиштата и градинките во Гитерслох се затворени, а Германија само што почна со ублажување на мерките.

Месната империја Tönnies е основана како семејна компанија пред 49 години, а постариот брат на Клеменс имал водечка улога, бидејќи Клеменс имал само 15 години. Овој гигант денес вработува околу 16.500 луѓе во Германија и Данска, а 50% од месото се извезува.

Фабриката во местото Реда-Виденбрик близу Гитерслох, преработува околу 20.000 свињи дневно, но производството сега е стопирано, бидејќи властите сакаат да го стопираат ширењето на вирусот. Во фабриката главно работат  Македонци, Романци, Бугари и Полјаци.

Претпоставка е дека до пренесување на вирусот дошло бидејќи станува збор за голем колектив, работниците стојат еден до друг, а ладната клима во погоните допринесува за ширење на заразата.

Минатата година, германскиот гигант во индустријата на месо оствари промет од 7,3 милијарди евра. Како што пишува Forbes, Клеменс поседува нето вредност во висина од 2,3 милијарди долари. Неговиот внук Роберт (42) има 50% сопственички удел, Клеменс има 45%, а неговиот син Макс 5%.

Внукот и чичкото со години воделе правна борба околу сопствеништвото, а работата е решена во 2017 година, но како што пишува BBC, горчината останала. Поради моменталната епидемиолошка ситуација и прашина што се дигна околу познатата компанија, Роберт апелирал на Клеменс да се повлече од водечката позиција, обвинувајќи го за неодговорно однесување и загрозување на локалното население и бизнисот.

Фото: YouTube/printscreen