Продажбата на нови автомобили во Европската унија падна за една четвртина во текот на единаесетте месеци од 2020 година. Пандемијата на коронавирус сериозно го разниша европскиот пазар на автомобили, имајќи предвид дека во периодот јануари-ноември, на клиентите им биле испорачани 25,5% помалку нови возила отколку во истиот временски интервал во 2019 година.
Продажбата беше намалена од 12 на околу девет милиони автомобили во 2020 година. Хрватска беше најтешко погодена од кризата (-42,4%), следат Португалија и Бугарија (двете -36,4%) и Шпанија (-35,3%).
Од големите европски пазари, Италија падна за 29%, а Франција 26,9%. Во Германија се продадени 21,6% помалку нови автомобили во периодот јануари-ноември отколку во истиот период во 2019 година. Најмал пад е забележан во Литванија (-16,2%), Шведска (-16,4%), Данска (-16,5%) и Финска (-16,7%).
Volkswagen и понатаму лидер на пазарот
Според Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), групацијата Volkswagen сè уште има најголем удел на пазарот во ЕУ (25,6%), со испорачани 2,28 милиони возила. Следува францускиот PSA (15,4%), кој продаде 1,37 милиони автомобили во ЕУ во првите единаесет месеци од 2020 година, а на трето место е Renault (11,5%), која испорача 1,02 милиони возила на клиенти. Четвртиот е Hyundai (со брендовите Hyundai и Kia), петти е FCA, шести е BMW Group (BMW, MINI), седми е Daimler (Mercedes, Smart), а осма Toyota. Ford и Volvo ги заокружуваат првите десет.