Кој е тој благороден метал, чија цена за една година порасна за 225%?

481

Цената на реткиот метал родиум го продолжува неколкугодишниот раст, а само од почетокот на месецот забележа скок од 32%, што е највисоко во последните 12 години.

Цената на овој редок метал со сива боја минатата недела достигна 8.000 долари за една унца, покажуваат официјалните податоци. Според проценките на аналитичарите, цената би можела да достигне рекорд од 10.000 долари.

Овој благороден метал, што најмногу се користи за автомобилски катализатори, во текот на минатата година поскапе за 225%, а во последните четири години цената му е зголемена за 12 пати. Како причина за овој раст се наведува зголемување на побарувачката од автомобилскиот сектор, којшто исто бележи пораст. Исто така, зголемената побарувачка на родиум од автомобилските компании доаѓа поради притисокот за намалување на емисијата на штетни гасови за новите автомобили.

Многу е потешко да се инвестира во родиум одошто во некој друг благороден метал, бидејќи со него не се тргува на берза. Се смета дека пазарот на овој метал е многу ограничен, па најголемиот дел од договорите се склучуваат директно меѓу добавувачот и корисниците.

Инаку, родиумот се добива како нус производ во рудниците за платина и никел и претставува скапоцен метал, бидејќи еден тон од земјината кора содржи само 0,001 грам од тој метал. Меѓу другите важни одлики на родиумот е тоа што има висока точка на топење и неверојатна отпорност и не е подложен на корозија.

Најголеми производители на родиум во светот се Јужна Африка, Русија и Канада.

Фото: Pexels