Кој ги осигурува средствата од инвестициските фондови?

88

Во Република Северна Македонија областа на инвестициските фондови е регулирана со Законот за инвестициски фондови, Законот за хартии од вредност, Законот за трговски друштва и Законот за девизно работење.

Со Законот за инвестициски фондови се уредува основањето и работењето на инвестициските фондови и друштвата за управување со инвестициски фондови, издавањето и продажбата на удели и акции, откупот на удели, промоција на инвестициските фондови и работењето на депозитарната банка.

Депозитарна банка на инвестициски фонд е банка којашто за потребите на фондот врши чување на имотот на фондот, водење на посебните сметки за имотот на фондот и одвојување на имотот на секој поединечен фонд од имотот на другите фондови, контролирање дали друштвото за управување со инвестицискиот фонд управува со средствата на фондот во согласност со законските прописи и статутот итн.

Само банка со седиште на територијата на Република Северна Македонија, којашто согласно со Законот за банките има добиено согласност од Народната банка за вршење на активноста банка чувар на имот може да биде избрана за депозитарна банка. Работите на депозитарна банка што банката ги врши за друштвото за управување треба да бидат одвоени од другите работи. Депозитарната банка што врши работи за инвестицискиот фонд, имотот на секој фонд го води на посебна сметка.

Депозитарната банка не смее да го користи имотот на инвестицискиот фонд за вршење на трансакции за сопствена сметка или за остварување на какви било користи за себе или за своите вработени, освен во корист на сопствениците на удели или акционерите во инвестициските фондови. Имотот на инвестициските фондовите кај депозитарната банка не влегува во имотот на депозитарната банка, ниту во ликвидациската или стечајната маса и не може да се употреби за извршување на побарувањата на банката.

Доколку инвестицискиот фонд има средства надвор од територијата на Република Северна Македонија, депозитарната банка избира и субдепозитарна банка за чување на тие средства, која има дозвола за работа издадена од надлежен орган во матичната земја.