Кој нема да смее да вози Tesla во Кина?

49

Кина воведува ограничена употреба на електричните возила на Tesla за државни и воени службеници, повикувајќи се на загриженост за националната безбедност, пишува Wall Street Journal.

Слична информација пласираше и Bloomberg, наведувајќи дека автомобилите на Tesla се забранети во одредени области.

Овие ограничувања доаѓаат откако државата спроведе безбедносен преглд на возилата, по што наводно било утврдено дека сензорите во автомобилите на Tesla може да направат фотографии од окружувањето на локации на коишто се наоѓа возилото, пренесува CNBC.

Затоа, како што пренесува Wall Street Journal, Tesla би можел лесно да дојде до важни информации, како што се на пример, податоци околу тоа каде и кога се користат автомобилите. Исто така, би можел да следи и поголема количина на податоци, како што е листа на контакти со мобилни телефони, доколку е поврзан со автомобилот, па Кина е загрижена дека тие информации би можеле да дојдат до САД.

Кинескиот пазар има значајна улога во производството и продажбата на возилата на Tesla. Приходите од продажба во Кина се околу 6,6 милијарди долари, што е околу 21% од вкупните приходи (31,54 милијарди долари) на американскиот производител на електрични автомобили.

Тоа е голем скок во однос на 2019 година, кога продажбата на Tesla во Кина беше 2,98 милијарди долари, односно 12% од вкупните приходи коишто тогаш беа 24,58 милијарди долари.

Фото: Pixabay