Која е постапката за надомест на штета пред осигурителните компании?

16

Брзината и брзото возење се критичен ризик – фактор за предизвикување на сообраќајни незгоди со повредени и загинати лица. Секое стискање на педалата за гас значи и повеќекратно зголемување на ризикот и опасностите за предизвикување на сообраќајна незгода со тешки последици. Се поставува прашањето: Дали и зошто возачите ја потценуваат сериозноста и опасноста од брзото возење?

Истражувањето на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) покажува дека 86% од возачите некогаш ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината. Најголем дел од возачите си земаат за слобода да не ги почитуваат сообраќајните знаци за ограничување на брзината затоа што сметаат дека:

  • Минимално пречекорување на брзината (20 или 30 километри на час) нема да ја загрози безбедноста на сообраќајот
  • Мислат дека таквото однесување е во ред и дека нема да бидат казнети
  • Постојано доцнат и брзаат да стигнат на одредена договорена локација
  • Се расејуваат и не обрнуваат внимание на брзината
  • Ги преценуваат своите возачки вештини и мислат дека возат безбедно
  • Немаат сообраќајна култура и дисциплина на почитување на сообраќајните знаци

Колку и да се бараат оправдувања и причини за непочитување на правилата за ограничување на брзината, вистината е дека секое пречекорување на дозволената брзина претставува закана за животот и здравјето на учесниците во сообраќајот. Но, ако дојде до сообраќајна незгода од полесен карактер, секогаш има решение за тоа. Тоа е Европски извештај којшто се пополнува само во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета и го пополнуваат учесниците во сообраќајната незгода. Европскиот извештај не се пополнува и не се потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени лица, загинати лица и во сообраќајна незгода во која настанала голема материјална штета.

Која е постапката за надомест на штета пред осигурителните компании?

Постапката за надомест на штета пред осигурителните компании е регулирана со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Покрај одредбите од овој закон, односно за сè што не е предвидено со овој закон, се применуваат одредбите од Законот за облигациони односи и Законот за супервизија.

Како учесници во оваа постапка се јавуваат:

  • Одговорно друштво за осигурување – друштвото на осигурување со кое сопственикот на превозното средство со чија употреба е причинета незгодата, склучил договор за задолжително осигурување.
  • Корисник  на осигурување – лице кое има право на надомест од задолжителното осигурување во сообраќајот.
  • Оштетено лице – лице кое претрпело штета од употреба на превозно средство.

Постапката за надомест на штета започнува на начин што оштетеното лице, директно до одговорното друштво за осигурување, поднесува барање за надомест на штета. Во однос на евентуалната судска постапка за надомест на штета, ваквото барање се јавува како услов – истото во секој случај да биде поднесено до одговорното друштво за осигурување, односно оштетеното лице не може да поведе судска постапка по овој основ пред таквото барање да го постави пред осигурителното друштво.

При постапување по барањето за надомест на штета, одговорното друштво за осигурување, барањето го испитува како од аспект на основот – дали постои незгода  и дали постои штета како последица од истата, така и од аспект на нејзината висина.

Во оваа постапка, одговорното друштво за осигурување кон оштетеното лице не може да истакнува приговори, засновани на закон или договорот за осигурување, кои би можело да ги истакнува кон осигуреното лице за непридржување кон законот, условите на осигурување или кон договорот за осигурување.

Доколку оштетеното лице не е задоволно од одлуката на одговорното осигурително друштво, односно од висината на понудениот надомест на штета, истото има право да покрене постапка за посредување согласно со прописите што го уредуваат начинот и постапката на посредување.

Друштвото е должно ваквото посредување да го предвиди во договорот за осигурување од автомобилска одговорност, а тоа во случај кога оштетеното лице не е задоволно од висината на штетата која му се понудува од негова страна.

Во постапката за надомест на штета, кај осигурувањето на патници во јавен превоз, од последици на несреќен случај, висината на обврската на одговорното друштво за осигурување е ограничена – доколку патникот, односно корисникот на осигурувањето претрпел повисока штета од износот на исплатениот надоместок во однос на ова осигурување, истиот има право на надоместок на штета од лицето кое ја предизвикало штетата, само за остатокот до висината на претрпената штета.

Во ваков случај, ако патникот односно корисникот на осигурувањето добил надомест од лицето кое ја предизвикало штетата или пак од одговорното друштво за осигурување, истото нема право на надомест  на штета по овој основ во висина на така исплатената штета.