Коко Шанел – жената која одново ја измисли модата

846

download

Иако нејзините први купувачи беа принцези и војвотки, таа ги облекуваше како секретарки во едноставни здолништа, поло џемпери и палта, лажни бисери и мали црни фустани.

Со тоа Габриел Коко Шанел ги ослободи жените од стегите на облеката што го одбележуваше 19-от век, како тесните корсети, огромните шапки и неудобните крути фустани. Таа го направи најголемиот пресврт во модата што влијаеше на секој моден дизајнер кој се појави после неа.

Нејзината приказна е толку интересна и испреплетена, што би си помислиле дека е извадок од некој роман. Вонбрачната ќерка на француски уличен трговец и продавачка, Габриел “Коко” Шанел е родена во 1883 година во парискиот регион Оверњ.

Coco-Chanel-007 (1)

Откако мајка ѝ починала и татко ѝ побегнал од дома, монахињи од локален манастир ја презеле грижата за неа. Првата работа – шивачка, ја добива на 17 години. Но, младата Коко сонувала да побегне од едноличниот провинцијалски живот, па така си ја пробува среќата како пејачка во Кабаре.

Иако не стекна слава со својот глас, во кабарето го запозна Етјен Балсан, млад богат плејбој кој ја однесе во неговата куќа во Париз како тајна љубовница. Коко секогаш противречеше на модниот стил, па така на забавите одбиваше да се облекува како останатите жени во екстравагантни сатенски фустани. Нејзиниот стил беа обични темни фустани или пантолони што го означија и почетокот на трендот што ќе ја направи позната низ Европа.

Етјен ѝ помогна на Коко да отвори продавница за шапки и облека, за да има со што да се “занимава” додека тој ги посетуваше другите љубовници.

Coco-Chanel-2628507-lsНо, тоа и не беше толку лошо за модната икона. Таму го запозна Артур Бој Чапел, другар на Балсан и со него оствари врска што ќе прерасне во вистинска љубов. Бој, богат англиски бизнисмен, одвои дел од своето богатство за да може Коко да отвори уште два бутика во крајбрежните градови Довил и Бијариц.

Шанел сакаше да носи машки алишта и често позајмуваше од нејзините љубовници, па не е ни чудно што нејзината инспирација за раните дизајни дојде токму од тие парчиња.

Таа дури и ја правеше облеката од “машки” материјали, како волна и жерсе што порано беше незамисливо да ги носи жена. Нејзините едноставни и елегантни дизајни веднаш станаа хит кај жените. Покрај начинот на облекување, жените почнаа да ја копираат и кратката коса од Коко.

Долгите џемпери, блејзери, едноставните здолништа, струкираните мантили, како и малиот црн фустан станаа популарен тренд, а Коко за само четири години успеа да му ја врати целата позајмена сума на Чапел.

how-coco-chanel-arthur-capel-changed-the-fash-L-O1iSu_

Успешноста на Шанел растеше, а врската со Бој продолжи и покрај тоа што тој се ожени со друга жена. Нивната романса траеше сè до 1919, кога Чапел загина во сообраќајна несреќа.

Низ 20-те години на минатиот век социјалниот и професионалниот живот на Коко беа на завидно ниво и нејзиното име стана познат и признат светски бренд. Таа беше едно од најмоќните и најважните имиња во елитните кругови. Нејзини блиски пријатели беа Стравински, Пикасо и други познати имиња од уметноста. Таа дизајнираше костими за организаторот и финансиер на рускиот балет Сергеј Диагилев и францускиот режисер Жан Кокто.

Коко експериментираше со различни стилови како долги широки здолништа, екстравагантен вештачки накит и светкави вечерни тоалети направени од кристали и монистри.

CocoFlashbackhaner0006kxxx1

По смртта на Чапел Шанел стана љубовница на големиот руски војвода Дмитри преку кого го запозна Ернест Бокс, производител на парфеми чиј татко работеше за царот.

Во една прилика откако Коко дала неколку предлози за парфемот што Бокс го правел за Франсоа Коти, го убедила истиот да ѝ го подари.

Така во 1924, таа го престави Chanel No. 5 – првиот парфем во светот што носи име на дизајнер. Уникатниот мирис достигна светска слава и до ден денес е еден од најпродаваните парфеми во светот и поим за префинетост и стил.

v037

Популарноста на Шанел продолжи да расте и во 30-те години на 20-от век. Коко важеше за жена полна со самодоверба, чие срце беше тешко за освојување. Таа дури ја одби понудата за брак од еден од најбогатите луѓе во Европа – војводата од Вестминстер.

Коко ја започна својата успешна приказна од ништо за да стане модна легенда. Но, со доаѓањето на Втората светска војна, нејзиното име ќе го обвијат мрачни гласини. Таа го затвора бизнисот во Париз и започнува врска со нацистички офицер, 13 години помлад од неа. За време на љубовната врска и војната, офицерот ја сместува во нејзиниот омилен хотел Риц.

Следните 15 години Коко не се појавува многу во јавноста и верува дека нејзината кариера како дизајнер е завршена, а тие години живее од продажбата на нејзиниот парфем.

coco-chanel-16

Во 1954 година, на своја 71 година, Шанел го најавува враќањето во модниот свет. Причините за нејзиното повторно инволвирање во модата не се точно определени, но сепак таа наиде на различно расположение.

Во Европа нејзиното враќање беше осудено на пропаст. Модните критичари не беа многу импресионирани со нејзината нова линија, но во САД нејзините костуми се продаваа многу брзо. Наскоро Европа и критичарите попуштија и го признаа успехот на Шанел во Америка.

Со ова Коко како Феникс се крена од пепелта и повторно застана на челната позиција во модата уште еднаш докажувајќи дека е возможно да се биде едноставен и модерен во исто време, односно да се чувствуваш комотно во облеката и да изгледаш неверојатно добро.

MTIwNjA4NjM0MTM0OTU1NTMy

Габриел Коко Шанел почина на 87 години, на 10 јануари 1971 година во хотелот Риц каде живееше повеќе од 30 години.

Денес креативен директор на модната куќа е дизајнерот Карл Лагерфелд, а Шанел не само што е најстарата, туку останува да биде една од најпрестижните модни куќи во светот со вредност од 6,7 милијарди долари, 310 продажни локации и повеќе од 1.300 вработени.