Колкави се трошоците за живот во земјата каде заминуваат Македонците

125

Германија е омилена дестинација за иселениците од земјава и соседните земји. Но, во оваа држава животот и не е толку евтин. Само за стан треба да издвоите третина од платата. Колкави се останатите трошоци, анализира Дојче Веле.

Во споредба со другите европски држави, Германија важи како релативно евтина за живот. Според статистичките податоци, за нормален живот во 2019 година во оваа земја биле потребни 750 евра месечно.

Цените на храната, сместување и гардероба се за 4,3% повисоки од просекот. Ова е значително помалку во однос на Данска, којашто е најскапа европска земја каде трошоците за живот се за 37,9% повисоки. Најголем трошок во Германија е домувањето. Месечните изнајмувања значително се разликуваат од местото на живеење. Важна улога игра тоа дали сакате да живеете во некој од големите градови или во села што се оддалечени од центарот на градот десетици километри.

Изнајмување

Ако се одлучите за германската престолнина Берлин, стан со површина од 30 квадрати се плаќа 16,22 евра за метар квадратен. Доколку се одлучите за Минхен тогаш треба да “брцнете“ подлабоко во џебот, бидејќи за стан до 40 квадрати во просек се плаќа 26 евра за метар квадратен. Но, освен кирија тука се и режиските трошоци. За струја се плаќа 29,42 центи за киловат час, а за одлагање на сметот, чистење, одржување на дворови месечно во просек се издвојуваат околу 215 евра.

Готвење или ресторан?

Ако во станот имате наместено кујна тоа е добар потег. Имено, готвењето повеќе се исплати од одење во ресторан. Во Германија за ручек на две лица во просек се плаќа 40 евра. Ако со ручекот сакате да испиете пиво тогаш ќе треба да издвоите околу 3,50 евра за пола литар, а кафето чини 2,70 евра. Во маркетите половина кило бел леб изнесува 1,24 евра, литар млеко чини 0,70 евра, а килограм компири 1,06 евра.

Превоз

Цените на билет за јавен превоз се разликуваат од град во град, но во просек билет чини две евра. Ако често користите јавен превоз тогаш исплатливо е да купите месечна карта којашто чини околу 70 евра. Поседувањето на сопствен автомобил има своја цена. Горивото во просек се плаќа 1,25 евра, а на тоа треба да се додаде одржувањето на автомобил, данок и осигурување. За помало возило месечно треба да издвоите околу 200 евра.

Гардероба, обувки и телефон

Според статистичките податоци, фармерки чинат помеѓу 50 и 100 евра. Слично е и со обувките, а на крајот на сезоната секогаш има попусти така што чевли кои чинеле 200 евра можете да ги купите за 50 или 60% поевтино.

Понудата на телекомуникациски оператори е голема, а конкуренцијата се натпреварува кој ќе наплати помалку, а понуди повеќе. Покрај големите телекомуникациски концерни, пакети за мобилни телефони и интернет нудат и супермаркетите. Во пакетите зависно од изборот се нудат повеќе опции: со нов апарат или не, со ограничен или неограничен интернет, бесплатно телефонирање во Германија или земјите од ЕУ. Трговскиот ланец Алди нуди 2GB брз интернет, бесплатно телефонирање во земјата кон сите мрежи за 7,99 евра, а пакетот важи четири недели.

Добредојдовте во Германија порачува на крајот од анализата Дојче Веле.

Фото: Pixabay