Бројот на активни деловни субјекти во земјава во 2019 година изнесува 75.914 и во однос на 2018 година е зголемен за 5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Активни деловни субјекти се сите деловни субјекти што учествуваат во создавањето на бруто-домашниот производ, а како основен критериум за утврдување на активноста на субјектите се податоците за приход и/ или вработени.
Најголемо учество во структурата имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 23.140 субјекти или 30,5% и Преработувачка индустрија со 8.362 субјекти или 11%. Најмала застапеност имаат секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (0,3%), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (0,3%), Рударство и вадење на камен (0,3%) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (0,3%).
Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработените покажуваат дека најголемо учество од 80,7% имаат деловните субјекти со еден до девет вработени. Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјектите со неутврден број вработени (без податок за вработени) со 10%, па субјектите со 10 до 19 вработени со 4,2%, потоа субјектите со 20 до 49 вработени, чие учество изнесува 2,9%, со 1,8% учествуваат субјектите со 50 до 249 вработени и само 0,3% од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.
Во 2018 година, бројот на новосоздадените претпријатија во Република Северна Македонија изнесува 6.307, додека бројот на згаснатите претпријатија изнесува 4.885. Гледано според правната форма, најголем број новосоздадени (4.409) и згаснати претпријатија (3.601) се друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.
Фото: Freepik











